Одредувањето на земјата на потекло, заедно со тарифното распоредување и утврдувањето на царинската вредност е суштински фактор за утврдување на износот на царинските давачки и даноците што треба да се платат. Потеклото на стоките, кое може да се дефинира како економска националност на стоките, е важно и за примена на сите мерки на трговска политика (квоти, антидампинг мерки, трговски забрани, ограничувања и слично).

Законски одредби кои се однесуваат на потеклото на стоката се пропишани во:

  • член 21 до 26 од Царинскиот закон,
  • член 11 до 60 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон.

Постојат два вида на потекло: преференцијално и непреференцијално потекло на стоките. Преференцијалното потекло се базира на правила дефинирани во билатерални и мултилатерални договори.

 

Преференцијално потекло

Преференцијалното потекло се доделува на стоки од одделни земји, кои исполниле одредени критериуми или правила што дозволуваат да се бара повластен, односно преференцијален третман (намалување или укинување на царинските давачки). Правилата врз основа на кои стоките се стекнуваат со преференцијално потекло се пропишани во протоколи/анекси за потекло во билатералните и мултилатерални договори кои Република Македонија ги има склучено. Во моментот Република Македонија има склучено Спогодба за стабилизација и асоцијација со земјите членки на Европска унија и Договори за слободна трговија со ЕФТА земјите, земјите членки на ЦЕФТА, Турција и Украина. Дополнително во 2012 година Република Македонија пристапи кон Регионалната пан-евро-медитеранска конвенција за преференцијални правила за потекло (ПЕМ Конвенција) што има за цел да ги замени сите претходни протоколи/анекси за потекло.