Вчера (02.09.2018 година) на граничниот премин Табановце-Прешево од страна на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ беше најавен почетокот на имплементацијата на Проектот за заедничко гранично управување One Stop Shop помеѓу Република Македонија и Република Србија. „One stop shop“ е најголемата потврда за посветената работа на овој проект, што Царинскта управа на Република Македонија го имаше таргетирано како една од поважните стратешки цели. Во текот на минатата година, Царинската управа со финансиска помош на Европската Унија и на Владата на Република Македонија изврши реконструкција и модернизација на инфраструктурата на граничниот премин на Табановце со што се остварени сите предуслови за започнување на заедничките контроли. Со воспоставувањето на новиот начин на работа преку заедничката гранична контрола, коридорот 10 ќе биде поатрактивен и поефикасен за извоз, увоз и транзит на стоки.

 Концептот на воведувањето на заеднички контроли претставува една од целите на Повеќегодишниот акциски план, за создавање на Регионална економска област на Западен Балкан, усвоен на Самитот во Трст од јули 2017 година, кој меѓу другото предвидува и заедничко управување со ризик и заеднички гранични контроли со едно застанување (One-stop shop), каде што е тоа применливо.

Договорот за олеснување на трговијата на СТО и Берлинскиот процес за Западен Балкан, препорачуваат земјите од Западен Балкан да воспостават заеднички гранични контроли, со цел да го олеснат и забрзаат извозот, увозот и транзитот на стоките. Република Македонија заедно со Република Србија ќе бидат првите земји од Западен Балкан што ќе воспостават заедничка гранична контрола, со што ќе се обезбеди заедничко извршување на граничните и царинските формалности при движењето на стоките и патници.

03
03
Previous Next Play Pause
1