Согласно Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба,  („Службен весник на РСМ“ бр.169/2020 од 22.06.2020 година), која стапи на сила веднаш, износот на акциза за обележано гасно масло како гориво за греење од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00 се зголеми, и во моментов изнесува 18,121 ден/лит.

Лицата кои обележаното гасно масло го употребиле како гориво за греење во домаќинствата, како и лицата кои го употребиле како гориво за греење во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата, имаат право на враќање на дел од платената акциза во висина од 6 денари за литар. 

Предуслов за враќање на дел од платената акциза е доколку обележаното гасно масло наменето за греење е набавено со новоутврдената акциза со оваа Уредба која во моментов изнесува 18,121 ден/лит. 

Регистрација во Евиденцијата на корисници на обележано гасно масло наменето за греење

За остварување на правото на враќање на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење, лицата треба да се евидентираат како корисници на обележано гасно масло наменето за греење во Евиденцијата на корисници на обележано гасно масло наменето за греење која ја води Царинската управа и да добијат идентификациски број. 

Насоките за поднесување на барањето за регистрирање Евиденцијата на корисници на обележано гасно масло наменето за греење во СОЦДАД ќе бидат дополнително објавени.

Евидентирањето во Царинската управа се врши врз основа на поднесено електронско барање во кое барателот ги наведува: 

Податоци за идентификација 

     -назив или име и презиме, 

     -седиште, адреса или адреса на живеење, 

     -податоци за контакт, 

     -ЕДБ или ЕМБГ 

Податоци за локацијата на складирањето и користењето на обележаното гасно масло наменето за греење, 

Капацитетот на резервоарите и 

Техничките карактеристики на опремата за користење на обележаното гасно масло за греење во домаќинствата или во процесот на производството или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата. 

Надлежниот царински орган согласно поднесеното барање врши теренска контрола и проверка на точноста на поднесените податоци за евидентирање на барателот со цел издавање на идентификацискиот број. 

Барање за поврат на акциза

Враќањето на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење го врши надлежниот царински орган врз основа на поднесеното барање за враќање на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење. 

Барањето за враќање ќе се поднесува во СОЦДАД електронскиот систем на Царинската управа.

Насоките за поднесување на барањето за враќање во СОЦДАД ќе бидат дополнително објавени.

Враќањето на дел од платената акциза се врши само за набавена или увезена количина на обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата, во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата за кое акцизата е пресметана и наплатена во висина 18,121 ден/лит. 

Барањето за враќање на дел од платената акциза содржи податоци за идентификацискиот број на барателот, потрошената количина во даден период, намената и местото каде е потрошена наведената количина на обележаното гасно масло наменето за греење, податоци од фактури и/или увозни царински декларации за износите на платена акциза и количината на набавено обележано гасно масло наменето за греење, како и податоци за банката и сметката на која треба да се изврши враќањето на дел од платената акциза. 

Кон барањето, во случај кога обележаното гасно масло наменето за греење се користи во домаќинствата се приложува следната документација: 

- фактура или фискална сметка за набавено обележано гасно масло наменето за греење во домаќинство, во кои се содржани податоците за набавената количина изразена во литри и износот на платената акциза во висина утврдена со оваа уредба со законска сила; 

- докази од кои може да се утврди датумот на испораката, продавачот и лицето кое извршило достава на обележаното масло за греење за домаќинство и 

- доказ дека лицето ги има намирено долговите по основ на даночни и царински обврски. 

Кон барањето, во случај кога обележаното гасно масло наменето за греење е употребено како гориво за греење во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата, се приложува следната документација: 

- решение и тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија;

 - детален опис на дејноста за која се користи обележаното гасно масло наменето за греење во процесот на производство, 

- местото и локацијата на производството каде што се користи обележаното гасно масло наменето за греење, како и складишните простори и/или простории, како и опремата која се користи за греење; 

- фактура за набавено обележано гасно масло наменето за греење или како додаток на друг енергент како гориво за греење или царинска декларација за увезено гасно масло наменето за греење во која се содржани податоците за набавената количина изразена во литри и износот на платената акциза во висина утврдена со оваа уредба со законска сила; 

- докази од кои може да се утврди датумот на испораката, продавачот и лицето кое извршило достава на обележаното масло за греење за домаќинство; 

- доказ дека лицето ги има намирено долговите по основ на даночни и царински обврски и

- докази за оправданоста за враќање на дел од платената акциза од евиденцијата на лицето кое бара враќање, за количините на обележаното гасно масло наменето за греење или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата, во периодот за кој се бара враќање на дел од платената акциза. 

Враќањето на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата, во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење се врши со прифаќање и верификување на регистрираното електронското барање за враќање на платената акциза, за што подносителот на барањето добива електронска порака од Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи кој го води Царинската управа.